veles

Велес

Центар на Општина Велес е градот Велес сместен во средишниот дел на Македонија, поточно на бреговите на реката Вардар со надморска височина од 206м. Велес е шести град според бројот на жители во Македонија со вкупно населенио од 43716 жители. Тој претставува значаен сообраќаен јазол каде што се вкрстуваат најважните патни и железнички сообраќајни правци на меѓународниот сообраќаен коридор, кој ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка.
Носечки симбол во грбот на Велес е Саат-кулата која потекнува од XIV век и е една од најстарите градби. Лево и десно од неа е прикажана старата градска архитектура во форма на визури што се амфитеатрално распослани од двете страни на Вардар. Во подножјето на Саат-кулата е претставена реката, а веднаш под неа запченик кој го симболизира индустрискиот развој на градот. На горниот дел од грбот е испишано името на градот – Велес.
Маскота на Општината Велес е видра за која со сигурност се знаед дека живее во водите на реките Бабуна и Тополка, а во минатото ги населувала и водите на реката Вардар. Видрата живее исклучиво во чисти, незагадени води. Со утврдувањето на видрата за маскота на Велес се потенцираат заложбите на Општината Велес да стане еколошки чиста животна средина, во која ќе се вратат сите животински видови кои во минатото биле нејзино обележје.