DK1

Виното и љубовта – Демир Капија

Виното и љубовта – Демир Капија

Велат, грозјето има сè што е потребно за да се направи вино. Зборот вино има слично етимолошко потекло во многу светски јазици (англиски wein, француски vin, италијански vino, шпански vino). Потекнува од латинскиот збор vinum, чиј корен Римјаните го презеле од еолскиот грчки збор Foivac (woinos).
За мене, како еден просечно едуциран почитувач на виното и уште потпросечен консумент, виното ме привлекуваше поради приказните и љубовта, онаа вистинската, што ја крие насекаде каде што и се произведува. Бидејќи оваа моја чудесна земја и овој мудар народ отсекогаш знаеле на еден интересен начин да ги раскажуваат приказните. Па така, барајќи ја ,,љубовта“, возам кон Неготино, Кавадарци, возам кон местата каде што благородниот пијалак – виното, се здружил со животот и со поднебјето во кое се создава. Пристигнувам во Демир Капија. Потрагата ми овозможи да научам две работи:
- да пробам едно од нашите најстари вина
- да ја слушнам приказната за Вила „Марија“.

Вила Марија
Под фасадата на Вила „Марија“ се крие приказната на кралското семејство Караѓорѓевиќ, поточно на кралот Александар, кој во 1928 година го купува земјиштето
на кое сега се наоѓа винарската визба „Еленови“ и уште триста хектари друго земјиште.
Според зачуваните податоци од архивот на Србија, земјиштето било купено од неколку турски бегови.
По налог на кралот, на земјиштето биле подигнати лозови насади, но во истата таа 1928 година кралот посакал оваа убавина, овој спокој да го подели и да ѝ го подари на својата кралица, на својата Марија.
Вила „Марија“ е градена од архитект чие име не може да се најде во зачуваните записи. Пред самиот влез ве дочекуваат две женски скулптури, две триканиди, за кои се поврзани многу приказни околу нивното исчезнување и повторно враќање.
Но една е вистинита, никој во Демир Капија нема или не сака да ви даде слика на која вилата е без своите скулптури. Од друга страна, јас си имам своја замисла за вакви места: ако нема приказна – измислете ја. Интересно е и што вилата, наспроти менувањето на сопствениците и стилското уредување – сите, буквално сите сопственици го задржале прекрасното старо огледало, во кое ликот некако поинаку се одразува. Вилата не е многу голема. Имала приватна соба, гостинска и, што е најважно, имала тоалет и бања.
Ех што сè мажот е подготвен да направи заради љубов.
,,Шато Демир Капија“
Грозјето и виното отсекогаш претставувале извор на сила за уморниот селанец, но и извор на неговата разонода и веселба. На некој таен начин овој благороден пијалак засекогаш се здружил со животот и со поднебјето на кое настанува. Затоа и нека не ве чуди мојата желба да се втурнам во визбата во Демир Капија и тоа во онаа што секогаш служела само за производство на 150 илјади литри квалитетно црвено вино. Записите потврдуваат дека целото вино се носело во кралскиот дворец во Србија.
Винарницата во Демир Капија ја има приказната бидејќи, како што велат – „не може да се прави имиџ без историја“. Затоа и ќе ви понудат една возбудлива можност да пробате вино што е произведено по стара технологија. Брендот е „Шато Демир Капија“ и ова вино се произведува на истите ферментатори од 1930 година.
Јас пробав и… има разлика.

www.kralemarko.org.mk