735138_524517940912586_98957547_n

Духовите на џоломарите – Бегниште

Духовите на џоломарите – Бегниште

Малкумина знаат, а уште помалку присуствувале на единствениот обреден, ритуален пречек на Василица во кавадаречкото село Бегниште. Според етнолозите, како и сите други обичаи на маскирање, тој потекнува од паганските времиња. Но во ова село ритуалот е зачуван во својата најчиста, изворна форма и затоа е единствен во Македонија. Тука го нарекуваат – џоломари.
Патувањата да ги видите џоломарите почнуваат навечер. Всушност, во секој друг ден од годината само ќе ги почувствувате, а за Василица и ќе ги видите. Патот води десно од едно необележано место меѓу комбинатот „Фени“ и влезот во Кавадарци, а по неколку километри тесен локален пат кон селото Ресава, повторно се врти десно. По десетина минути благо искачување, од високо го здогледувате Бегниште, стуткано меѓу ридови. Ноќта е темна – ниту ѕвезди ниту месечина. Светилките во сите куќи се запалени. На повеќе места во селото се извива чад од василичарските огнови.
Приказната ја раскажуваат предците на сегашните жители на Бегниште. Пред неколку векови, бегајќи од османлиите, тие го напуштиле своето село Озот над Стоби и свиле гнездо тука, во тиквешките ридови. Од тоа бегство доаѓа и името на селото – Бегниште. Од Озот го донесле и обичајот што со векови го практикуваат токму во оваа ноќ – џоломари, џамалари или бабари, како што уште ги нарекуваат.
Џоломарите ги црнат лицата и рацете со саѓи, брадите и мустаќите им се од волна, качулките од козјо сукно во темни бои. Околу половината врзуваат широки кожени ремени со 10-15 клопотарци, тешки над 15 килограми. Целата опрема на еден џоломар тежи над дваесет килограми. Во групата има две „невести“, облечени од глава до петици во бело. Тие се симбол на новата, млада и плодна година. Дел од групата е и „бабата“, која е најмала, облечена во црно, со црн превез врз лицето, симбол на годината што се испраќа. Но, во ритуалот жени не учествуваат. Сите улоги ги толкуваат маскирани мажи.
И така рано наутро на Василица, уште кога ниту муграта не зазорила, се наслушува силна врева од клопотарци. Звучи магично, исконски.
И одеднаш, ги здогледувате! Во лицата се поцрни од ѓаволот, имаат долги бели бради и мустаќи и ќулавки на главите. Со грпки и со куп клопотарци на половината, се нишаат во колковите и ја параат ноќта.
Сè погласно се слуша вревата. На сретсело се собрани џоломарите, разнишани, силно развревени, мавтаат со бастуните и ги начекуваат минувачите и гледачите во својот маѓепсан круг, викаат и удираат по задник додека не успеете да им се оттргнете. За здравје, велат. Од другите улички пристигнуваат уште џоломари. Некакви црни, божем страшни шумски духови – шерети симнати во селото да го избркаат злото, да ги задеваат селаните, да донесат плодна и здрава година. Од застрашувачката појава и силната бучава на ѕвонците ве лазат морници.
Полека се разденува, селото е разбудено – како да се спие од силната врева? Џоломарите им се пуштаат на сите околу огнот – малку ве зацрнуваат по лицето и ве потфаќаат со стаповите.
Наеднаш, најстариот џоломар со стап почнува да дава такт. В миг се фаќаат во круг, држејќи се еден со друг за рамо и заигруваат некакво паганско оро без музика, со скокање од кое клопотарците затропуваат силно, во ист ритам. Чиниш, ќе ги разбудат мртвите. Среде орото младоженецот ја најавнува прво бабата, а потоа и невестата, симулирајќи полов акт. Ова се некрстени денови, време е за безобразилаци. Актот претставува желба новата, млада година да биде плодна.
Што значи зборот „џоломари“? Никој не знае, така останало од старите, велат, заедно со цврстите канони на маскирањето во кое нема импровизации. Сè е изворно и ништо не смее да се менува.
Затоа и утрото треба да се појадува вкусна домашна баница со сирење, бидејќи има уште… Уште еден дел, еден напорен обичај за кој треба силна кондиција. Имено, сега ќе почнат да коледарат со магарето од куќа на куќа. Група од тројца џоломари со невестата, водејќи го смешно накитеното магаре, влегува во првите куќи во селото. Тропаат со ѕвонците, играат оро со домаќинот во дворот, а домаќинката ги дарува: брашно, месо, ракија. Брашното оди во една вреќа, месото во друга, а ракијата се пресипува во тубата, како во резервоар за гориво. Во следната куќа слично: брашно, сирење, вино и така редум, од еден двор во друг… до попладне.
Магијата на оваа ноќ во Бегниште е моќна, незаборавна. Затоа, ако не сте биле во Бегниште, појдете за Василица! Зар не чувствувате како ве повикуваат духовите на древноста, џоломарите?