English
eStobiTheater02

Крстосница на античкиот свет СТОБИ

Крстосница на античкиот свет
СТОБИ – споменици од богат живот од времето на римската и рановизантиската империја

Понекогаш е доволно да ве поттикне само една банкнота од десет денари на која е претставен мотивот со паунот за да влезето во неочекувана авантура. Паунот на банкнотата е дел од најпознатите мозаици на територијата на Македонија, што се наоѓа во Епископската базилика во Стоби, еден од најатрактивните и најпознати антички градови кај нас. За неполни два часа патување со воз од Скопје се стигнува до остатоците на овој надалеку познат археолошки локалитет. Сместен е во срцето на Македонија, на крстопатот меѓу егејскиот свет и централниот Балкански Полуостров, во текот на целокупниот период од своето постоење, Стоби претставувал средиште во кое се слевале културните придобивки на античкиот свет.
( Во Стоби се вркстувале најважните патишта во античкиот период, а градот бил картиран на најпознатта Tabula Peuntingeriana така што европските истражувачи од 19 век лесно ја утврдиле неговата позиција на теренот. Во текот на Првата светска војна почнале истражувањата и тие со повремени прекини се изведуваат до денес.)

Археолошкиот локалитет Стоби, кој се наоѓа на 3км од излезот на автопатот Градско Е-75, вреди да се посети од најмалку две причини. Ако сте повеќе љубопитен истражувач ќе можете да доживеете редок час по археологија во реално време, а ако сте од оние другите, кои го градат својот впечаток врз визуелно искуство, тогаш од Стоби ќе можете да добиете прекрасен поглед на централното македонско подрачје.
Урбанистичката слика од античкото Стоби е комплетирана благодарение на историски и книжевни документи, како и од досега евидентираниот археолошки материјал од систематските истражувања. Некои извори укажуваат на негови почетоци уште пред 7 и 6 век пр. н.е, а тоа го поткрепуваат и откриените бронзени предмети кои датираат од архајскиот период, како и керамички наоди од неолитското и железното време. Градот Стоби првпат се споменува во документите од 2 век пр. н.е, меѓутоа, археолозите веруваат дека
градот бил населен најмалку 400 години порано.

Римскиот период на Стоби
Стариот град Стоби, подигнат на сливот на Црна Река во Вардар, бил најголемиот град во северниот дел на римската провинција Македонија, подоцна главен град на провинцијата Macedonia Secunda и значаен урбан, воен, административе, трговски и религиозен центар на две големи империи: римската и рановизантиската. Во раниот и средниот римски период, градот бележи подем и благосостојба благодарение на трговијата со сол и поволната географска положба, а посебно и на фактот што овој град добил статус на муниципиум со своја сопствена ковачница каде почнале да се коваат монети со натпит Муниципиум Стобенсиум. Овде се исковани парите што се наречени денари.
Најпознатиот жител на Стоби живеет во 5 век.
Неговото име е Јован од Стоби ( Ioannes Sobaeus) и е познат како антички автор кој составил антологија од четири книги со литература од времето на Хомер па се до 4 век. Благодарение на неговото дело до денес се сочувани извадоци од книги што денес не постојат.
За овој период од животот на градот денес сведочат голем број откопани споменици со натписи и градби кои се единствени и неповторливи во својата убавина. Куќата на Пеистерија, која датира од 4 и 5 век, се наоѓа во центарот на градот и од сите четири страни е заградена со улици.
( Веднаш по окупирањето на Македонија од Римјаните во 168 год. пр. н.е., Стоби станал центар за трговија со сол за сточарите од посеверните региони. Во периодот на раното и средно римско царство Стоби доживеал висок економски подем.)

Куќата е всушност комплекс за повеќе семејства и простории за дуќани и магацини и имала најмалку два ката на што упатуваат откриените скали. Во средишниот дел се наоѓа двор со фонтани. Главните простории, јужно од дворот, се сали патосани во мозаик-техника. Спроти неа се наоѓа Теодосијанската палата, која е една од најимпозантните и луксузно уредени градби во Стоби. Централната сала, опкружена со колони, има базен со осум пиедестала од мермер, украсени со спиритуални канелури, на кои стоеле некои од статуите што се откриени. Во пределот на дворот постоеле цветни тераси со раскошно декорирани патоси. Јужниот дел се вика Куќа на Партениј.

Раскошен религиозен центар
Еден од позначајните настани во историјата на доцно-античкото Стоби е формирањето на христијанската заедница, Името на првиот епископ, Будиј, е забележано на соботор во Никеја во 325 г., а од 4 век датира и старата Епископска базилика. Ова се најраните документирани записи за христијанството во Македонија. Во 388 г. императорот Теодосиј го посетил Стоби и тука издал два едикта, со кои се забранува собирање на еретиците и јавни дискусии за верата. Откриената Епископската базилика на епископот Филип, од почетокот на 5 век, зборуваат дека градот бил многу значаен религиозен центар. Епископите од Стоби се среќаваат како учесници на христијанските собори се до крајот на 7 век кога стобската спископија егзистирала само фиктивно. Во Стоби во 3 век има и еврејска заедница за што сведочат остатоци од некогашна синагога, која била урната некаде кон крајот на 4 век и врз нејзините остатоци е подигната старохристијанска базилика.
Најзначајниот христијански објект во Стоби е Епископската базилика, или, како што поинаку се нарекува, Црквата на епископот Филип. Нејзиното внатрешно уредување е мошне раскошно, со употреба на бела мермерна пластика и мозаични патоси. Јужно од Базиликата се наоѓа крстилница, со четирилистна форма впишана во квадрат, која своевремено била покриена со купола. Подот во крстилницата е декориран со мозаици на кои се претставени пауни и елени. Северно од Епископската базилика, се наоѓа Епископскатата резиденција, која во 4 век служела како христијански ораториум, за еден век подоцна да прерасне во епископско седиште. Овде се пронајдени бронзена кадилница и златен прстен.

Немирни времиња и згаснување на градот
Во средината на 5 век, градот Стоби го зафаќаат големи несреќи, кои го навестуваат неговиот крај, како нападот на Хуните, за што сведочат опожарените слоеви датирани со монети и откривањето на хунското оружје. Промената на климатските услови негативно ќе се одрази на земјоделството и условите на живот, и исто како и преселбите на Словените и движењата на Аварите, Кутригурите и други племиња во текот на 6 век ќе доведе до опустошување на градовите на Балканскиот Полуостров. Ова нема да го одмине ни Стоби, кој кон крајот на 6 век е целосно напуштен.
Најубав период за посета на локалитетот е пролетта затоа што, поради временските услови, мозаиците се покриени од ноември до април. При прошетка низ Стоби во летниот период препорачливо е да носите шапка и вода со себе, затоа што се наоѓате на почва на сончевата земја. Додека ги собирате впечатоците по прошетката низ минатото можете да се разладите во ресторанчето во склоп на комплексот или пак да си куките теракотна статуетка на божицата Афродита.

Публика на античката сцена
Во првите денови од месецот август, меѓу осветлените ѕидини на амфитеатарот во античкиот град Стоби, грмнува гласот на актерите кои оживуваат на сцена дилемите, стравовите и внатрешните борби на античките драмски јунаи во зората на 21. век. Од некогашниот моќен и преполн антички театар, кој своевремено собирал 7.600 посетители, денес е останата само една половина.
Интресено е тоа што на седиштата има врежани фамилијарни и индивидуални имиња што значи дека реномираните граѓани на Стоби секогаш имале резервирани места. Гледачите од најблиските редови до оркестрата биле заштитени со мрежа така што и денес се забележуваат дупките во седиштата за носачите на мрежата. Во третиот век од новата ера, театарот прераснал во арена за борби со гладијатори, но со указот за забрана од царот Константин Велики, им се става крај на ваквите сурови претстави.