English
Име Адреса/Контакт Опис

Велес 

Наротен Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес

www.teatarveles.mk

teatar velesНароден театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес
Некои историски индиции сугерираат дека почетоците на театарската дејност во Велес, најверојатно, треба да се врзуваат со името на учителот Јордан Хаџи Константинов-Џинот и дека треба да бидат датирани меѓу 1864 и 1866 година.

Според запишаните сведоштва на неговите тогашни ученици, во училиштето во Прцорек тие ја одиграле неговата драматизација на народната приказна Мечката и селаните.
Во текот на следната деценија, како дел од активноста на Друштво за народна просвета „Искра“, театарската дружина, составена претежно од локални учители, ја изведува првата јавна претстава во Велес, Пропаднат трговец или смртна жртва. Театарската историја го евидентира и датумот на оваа премиера: 24 декември 1874 година, како и имињата на нејзините иницијатори: Никола Живков и Филип Симидов.
Една година подоцна, 1875, на велешката театарска сцена ќе излезе и првата актерка, учителката Тенка А. Коларова, протагонистка во популарната мелодрама Многустрадалната Геновева. Макар што локалниот весник остро ќе ја критикува нејзината смелост „јавно да се покажува“ (дотогаш женските улоги ги толкувале исклучиво мажи !), првата македонска актерка ќе продолжи со голем успех да го толкува ликот на Геновева.
Најверојатно, од сите македонски градови токму Велес има најорганизиран и најконтинуиран театарски живот, и тоа во протег од над шеесет години (1875-1940). Освен претставите што ги подготвуваат локалните театарски групи, не само учителски, градот го посетуваат и професионални трупи од Бугарија и од Србија. Скопското Народно позориште „Краљ Александар Први“, започнувајќи од средината на дваесеттите години од 20 век, во Велес редовно ги прикажува претставите од секоја годишна продукција.
Континуитетот на театарскиот аматеризам продолжува веднаш по ослободувањето. Како дел од Културно-уметничко друштво „Кочо Рацин“, од декември 1944 година во Велес работи Градска театрална група „Коле Неделковски“, чија прва премиера е изведбата на драмата Платон Кречет од А. Корнејчук. Токму од ова јадро, во јуни 1948 година, формиран е Градски (околиски) народен театар, чијшто прв директор е Борис Бегинов. Прва премиера на овој театар е комедијата Чорбаџи Теодос од Васил Иљоски, одиграна на 19 февруари 1950 година.
Во 1966 година театарот е затворен. Сепак, театарската дејност ќе продолжи, повторно на аматерска основа, што во 1968 година ќе резултира со формирање Младинско драмско студио, раководено од Боре Ангеловски. По шестгодишна дејност, којашто поднеднакво ја карактеризираа и агилноста на членовите и актуелноста/интригантноста на репертоарот, во 1974 година студиото се институционализира како Аматерски драмски театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. По дванаесет години, во 1986, театарот повторно се здобива со професионален статус, задржувајќи го името на својот патрон. Од основањето до денес, театарот има одиграно околу 250 премиери.
Започнувајќи од летото 1992 година, велешкиот театар ги организира летните театарски претстави во археолошкиот локалитет Стоби (Стоби- театар), како дел од својата редовна дејност. Прва претстава одиграна во Стоби е Електра на Еврипид, во режија на Стојан Стојановски.

Прв професионален состав на Народниот театар Велес:
Борис Бегинов – директор (режисер и актер); Благој Анчевски-Руска – актер, режисер, сценограф; Стојна Апцева (Дробњак), Љубица Вишинова (Ефремова); Тодор Гравчев, Ратка Зарзева, Рајна Јорданва (Савова), Јосиф Јосифовски (режисер, сценограф); Димче Петров-Гале, Стојан Сердарски, Стојче Филипов (Камчев); Екрем Џаферов. Епса Џипунова – актери.

превземено од

http://www.mactheatre.edu.mk/avtor.asp?lang=mac&id=11