fea.fw

Македонија – традиција на уживање во винската приказна

Македонија – традиција на уживање во винската приказна

Од Велес кон Кавадарци, Неготино, Демир Капија, па сè до Гевгелија, патот го преплавуваат лозови насади и голем број винарии, кои на автентичен начин со својата архитектура ја раскажуваат македонската винска приказна.
Виното е еден од симболите на македонската земја. Најголемата тајна на вкусовите на македонските вина е Сонцето, кое во пределите на централна Македонија му дава своја специфика на секое зрно грозје. Македонија е една од првите европски земји во кои се одгледувала лозовата култура. Во науката се смета дека лозовата култура на Балканот била распространета уште пред околу 4000 години.
Античките Македонци толку го почитувале виното што биле еден од ретките народи во светот (ако не и единствени), кои во својот религиозен корпус имале и бог на виното. Тоа е познатиот бог Дионис од петтиот век пред новата ера, чие македонско потекло е добро познато во научната јавност. Всушност, тој бил создаден во имагинацијата на македонското племе Бриги, кои имале значителна улога во етногенезата на античките Македонци. Македонците и другите балкански народи во чест на овој бог приредувале посебни величествени манифестации, познати под името баханалии. Во некои историски извори се сретнува и податокот дека Александар Македонски имал посебен слуга, кој бил наречен „сипувач на вино“ и чија единствена задача била да го служи царот со овој напиток.
Една од карактеристиките на античко-македонските погребни обичаи било ставањето предмети од личната сопственост на покојникот, кои биле погребувани заедно со него. Составен дел на предметите што биле закопувани заедно со починатиот биле и садовите за пиење вино. Речиси нема античко-македонски машки гроб (посебно војнички), во кој археолозите немаат откриено садови за пиење вино.

Извор

www.dnevnik.mk