manastir-sv-dimitrija-veles

Манастир Св. Димитриј – Велес

Манастир Св. Димитриј – Велес

Јужно од градот Велес и на устието на реката Тополка во Вардар се наоѓа манастирот Св. Димитриј. Иако нема податоци кога била изградена манастирската црква, врз основа на надворешниот изгледа на фасадите се претпоставува дека е изградена во 14 век.
Историјата на манастирот е една од најскудните од нашите средновековни споменици на културата. Пишани документи или натписи во самата црква не постојат. Само во еден наптис што се наоѓа над јужната страна гласи: „СејоБителоБновисјаво1855изобрази Х.Костезуграфифотограф“. За историјата на манастирската црква е од значење една уметничка слика што се наоѓа во црквата а на која е напишано: „ПоБожиебд’хновениеДедоПетарЗдравевоткопазатрпаниманастирСв.В.М.Димитрие1855.Почина1867год Подар.механдж.Еснаф.1942-натписасежеланиеигуменаАлексие“.
На сликата бил претставен портретот на Петар Здравев. Горните податоци не упатуваат на помисла дека во непознато време манастирот претрпел сериозни уривања, за потоа да биде обновен на иницијатива на Петар Здравев, а со помош на видни граѓани од Велес. По обновата, црквата била живописана од велешкиот зограф Хаџи Косте (Костадин) Кртев.
Подоцна игуменот на манастирот – Алексие во знак на благодарност кон Петар Здравев а со помош на механџискиот еснаф нарачал да се направи портрет од страна на познатиот зограф – сликар Ѓорѓи Зографски според фотографија.
Манастирската црква е еднокорабна со нартекс кон западната страна и кула – камбанарија која се издига над нартексот, што претставува реткост кај нас во Македонија. Фасадите на црквата се богато украсени со шаховски полиња, ниши, аркади и сл. изведени во камен и тула. Манастирскиот комплекс е од поново време.