rudnik

Мистериозниот Алшар

Мистериозниот Алшар – потенцијален „рудник“ на еколошки чиста енергија

12
Рудникот Алшар се наоѓа 40 км јужно од Кавадарци, во близина на селото Рожден крај Мајданска Река и е единствен по многу нешта во светот. Во Алшар досега се регистрирани десетици видови минерали, од кои дури седум ги има само во Македонија. Во 250.000 тони руда се содржат 2% арсен, 2,5% антимон и 0,1% талиум, што го прави рудникот најбогато и единствено наоѓалиште на талиум во светот, кој се користи за вселенски истражувања и во телекомуникациските технологии. Посебен и најзначаен раритет во Алшар е лорандитот, минерал на талиумот. За првпат лорандитот бил научно опишан во 1894 година.
3
Како единствен природен детектор на сончевото неутрино, најмалата досега позната честичка, проѕирно-црвениот минерал лорандит е од посебен интерес за светската наука во фундаменталните истражувања на откривање на неговата улога низ експерименти со лабораториско вештачко сонце, со што би се следеле термонуклеарните реакции. Со овие истражувања се очекува да се покаже како се создава енергијата на сонцето и врз таа база да се создаде нов моќен енергетски извор, соодветен на оној од Сонцето. Ова значи дека би можело да се произведуваат т.н. мали сонца, што би ги замениле атомските централи, а не би биле радиоактивни. За лорандитот голем интерес пројавиле НАСА, како и врвни научни институти од Австрија, Германија, Јапонија. Лорандитот во помали количества се наоѓа и во САД и Кина, но во македонскиот Алшар го има најмногу и во најчиста форма.

Денешното име на рудникот е кратенка од првите букви на имињата на луѓето што управувале со него во првата половина на XX век – француското банкарско семејство Алатини и рударскиот инженер Шарто. Од 2004 година рудникот е евидентиран како споменик на природата и дел од „Емералд“, мрежа за заштита на природните реткости, зашто освен несомнените рудни богатства длабоко во почвата, во овој регион се наоѓаат и повеќе ендемични и ретки видови флора и фауна: арсенската и алшарската темјанушка, зимзелената молика, ретки видови речни ракови, како и еден подвид на човечка рипка, за која се сметало дека се наоѓа само во словенечката пештера Постојна.
Легендите велат дека Алшар ја крие тајната на непобедливоста на фалангата на Александар Македонски. Имено, војската го користела аурипигментот за да ги премачкува своите штитови. На сонце тие давале силен блесок, со што ја заслепувале противничката војска. Затоа, Александар секогаш се борел дење и успевал и со помалобројна војска да победи многу посилни противници. Во историските записи од османлискиот период, пак, стои дека 30% од приходите на султанот од Македонија доаѓале од арсеновата руда од Алшар. Според сегашната берзанска цена на талиумот, неговите резерви во Алшар чинат околу 2 милијарди евра.

превземено од
http://makedonskibiser.com.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=1176:2010-06-14-22-36-21&catid=168:2009-08-26-13-19-34&Itemid=332&lang=en