mladost2

Велешко езеро – место за рекреација

Независно дали патот ве води кон Грција и сте тргнале на одмор, дали случајно сте скршнале од автопатот на неколку часа или пак сте ја избрале опцијата да се разладите во деновите кога се летните жеги, Велешкото Езеро со својата местоположба во централниот дел на Македонија е место каде од сите страни на земјата брзо се стигнува. Блиску е до главниот град и е место каде скопјани често заминувааат во текот на врелите летни денови. На само неколку километри од градот Велес, како отсекогаш да било тука, е најмалото вештачко езер. ( Неверојатно но вистинито. Во моментов, најголемиот брод во Македонија е вкотвен токму во ова езеро. Иако според димензиите овој брод може да плови по бескрајно големи синила, тој според намената и функцијата е попрвин сплав. Во него има ресторан и соби за ноќевање. )

Вештачкото езеро „Младост“, или попознато како Велешко Езеро е вештачка акумулација и е дел од Повардарието, а неговата местоположба е во долината на реката Отовица на височина од 274 м. Езерото се наоѓа северно од градот Велес, град што потекнува уште од римско време (Вила Зора) и кој во минатото бил нарекуван град на мостови. Езерото е оддалечено од градот 8 км, а од автопатот Скопје-Велес-Гевгелија само половина километар. Браната на езерото е бетонска лачна, долга по круната 60 м, широка еден метар и висока над теренот 25 м. Зафаќа површина од 0,84 км2, со вкупна зафатнина вода од 8.000.000 м3. Водата од езерото се употребува за новоднување на 1.350 хектари земјоделска површина, но и за туризам и рекреација, како и спортски риболов. Езерото е поврзано со асфалтиран локален пат со градот и автопатот.

И современо и недопрено
На езерото се уште има места каде може да се осамите и да уживате во природата, тишината и водата. Искусните рибари ги знаат оние места каде рибата „гризе“, и каде може да бидете далеку од погледите и луѓето. Страсните рибари доаѓаат организирано и со свои чамци.
За оние пак кои го преферираат комодитетот и благодетите на современото живеење, околу езерото имаат на располагање неколку мотели. Хотелот „Романтик“ ги задоволува ваквите критериуми. Со базен, мал забавен парк за најмладите, плажа и тераса со поглед кон езерото, овој хотел нуди можности за забава и рекреација. Доколку сте љубител на добра храна, прашајте го келнерот што е на дневното мени. Честопати шефот на кујната знае да ги изненади гостите со некој врвен специјалитет. Винската карта пак ги задоволува и најпребирливите љубители на добро вино.

Мало езеро – огромен брод
Според податоцте на географите, Македонија се одликува со мали водни ресурси. Бродскиот сообраќај речиси и не постои. Поголемо значење бродскиот сообраќај за стопанството на Македонија имаше од 1923 до 1973 год. кога од Грција имаше концесија за педесетгодишно користење бесцаринска зона во Солунскиот Залив. Во контекст на бродскиот сообраќај, може да се спомне само езерскиот сообраќај и тоа главно за туристички цели.
Но сепак, по ова најмало македонско вештачко езеро од пред неколку години, е закотвен најголемиот брод во земјата. Со своите димензии бродот се издвојува од питомиот езерски предел. Овој брод кој ги задоволува сите критериуми за големи синила и може да плови по големи мориња, е дел од сликата за Велешкото Езеро. Бродот е долг 56 м, широк е 10 м. и високо 8,5 м. Бродот е на 3 нивоа. Тежи 560 тони и спаѓа во категоријата тирустички јахти. Може да прими до 800 гости. Во рамките на бродот е ресторанот, 13 апартмани за ноќевање, слаткарница и кафетерија. До бродот се стигнува преку понтонски мост.