800px-Sveti_gjorgi

Полошки Манастир Св. Георги

Полошки Манастир Св. Георги

Единствениот пат до манастирот Св. Георги води со чамец по „Тиквешкото Езеро“. Некогаш манастирот се издигал високо над кањонот над Црна Река, на падините од планината Вишешница. Денес акумулативните води на езерото се оддалечени сто до двесте метри.
Историјата на манастирот до скоро беше скудна и претставуваше голем предизвик за учениот свет. Во литературата се правеа претпоставки и погрешни заклучоци за времето на изградбата, за живописувањето и за гробот на Драгушин. Таквите полемики траеја до 1983-85 година кога беа симнати фреските од 1609 година од источниот ѕид на припратата, а на кои беа прикажани сцени од житието на Св. Георги. Тогаш, под тие фрески беа откриени историските портрети на Драгушин и неговата жена Ана со пригоден текст за неговата смрт и погребение во овој храм. На спротивната страна беше откриен ктиторскиот портрет на деспотицата Марија – мајката на Драгушин со моделот на црквата во раце и покрај неа нејзиниот внук – синот на Драгушин и Ана. Во горните зони беа откриени портретите на кралот Душан, неговата жена Елена и синот Урош, а во нишата над влезот портретот на Св. Георги – патронот на црквата. Овие нови откритија овозможија да се датира изградбата на црквата, нејиното зографисување, кој бил ктиторот на црквата како и за гробот на Драгушин како близок роднина на кралот Душан.
За Полошкиот манастир Св. Георги во литературата беа врзани и познати две повелби: едната од 1340 година издадена од кралот Душан во која станува збор за Драгушин и неговото погребување во црквата на Полошкиот манастир, како и за дарувањето на црквата и имотите на Полошко на светогорскиот манастир Хилендар, а втората издадена од Јован Драгаш 1378 год. во која се вели за дарувањето на Полошкиот манастир на рускиот манастир Св. Пантелејмон на Света Гора.
Првата повелба всушност даваше повод за истражувачки работи во манастирската црква, коишто резултати беа очевидни со откривањето на споменатите историски портрети. Тие го одредија времето на изградбата на црквата дека е пред 1340 година, а била живописана помеѓу 1343 и 1345 г.
Во 1584 година во манастирот живееле 5-6 монаси заедно со игуменот Паисиј кој во таа година го изработиле и поставиле Големиот крст изработен во прекрасна копаница и го позлатиле.
Припратата на манастирската црква била зографисана во 1609 година за време на игуменот Сава и тогаш бил испишан натпис над влезот над црквата. Од ова време била испишана и „Книга“ од дрво со селата кои учествувале во обновата на манастирот, но не е сочувана.
Подоцна во 1630 година зографисана е иконата на Св. Георги со житието негово. Во 1649 год игуменот Захариј предложил престолна икона за иконостасот на црквата, а проигуменот Никодим подарил еден осмогласник.
Кон крајот на 17 век манастирот опустел, а подоцна во 1716 година игуменот на Полошкиот манастир – Арсениј се преселил во Моклишкиот манастир Св. Никола, и со себе однел еден минеј од запустениот Полошки манастир. Повеќе книги биле однесени во 1740 и 1746 од Полошкиот во Бошавскиот манастир како би се спасиле од заборав.
Обновата на манастирот се случила во почетокот на 19 век кога биле изградени манастирските конаци на источната и на јужната страна од црквата. Во тоа време манастирот се збогатил со повеќе икони и црковни книги.
До третата обнова на манастирот дошло во 1881 година кога под натписод од 1609 година е испишан нов натпис со податоци. Тогаш се пресликани фреските во црквата и припратата на оние места каде што биле оштетени, а над северниот влез на припратата на оние места каде што биле оштетени, а над северниот влез на припратата однадвор во нишата е насликан Св. Димитрие на коњ.
Манастирската црква Св. Георги спаѓа меѓу ретките цркви – мавзолеи, затоа што Јован Драгушин – син на деспотот Алдимир го избрал ова место за гробна црква во Полошко по 1334 година.
Црквата е еднокорабна со три травеја и купола над средниот травеј. Фасадите на црквата – јужна, северна и источна се богато декорисани со слепи ниши, аркади, венци со запци, изведени во тула. На ист начин е изведено и кубето.
Најнови резултати покажаа дека црквата е изградена пред 1340 година.
Кон западната страна на црквата е подигната припрата непознато кога, но секако пред 1609 година кога била живописана.
Во црквата е сочуван фрескоживопис изведен помеѓу 1343 и 1345 година. Во 1881 година дошло до мали преслики на фреските кои се отстранети со најновите конзерваторски работи во 1983-85 година.
Не се познати авторите на фреско живописот, но видливо е дека овде работеле два зографа со различни свои квалитети и начин на сликање. На првиот зограф би можеле да му припаднат историските портрети на западниот ѕид од надворешната страна на црквата (источен ѕид од припратата), стоечките фигури во цел раст во првата зона во наносот и од првата зона на олтарниот простор. На вториот зограф можат да му се припратат фреските од втората и на другите погорни зони.
Значајно место во ликовниот ансамбл и една од најубавите поединечни дела е допојасната претстава на Св. Георги Победоносец во нишата над вратата. Овој портрет на Св. Георги наликува на фреско-икона и претставува врвен дострел на анонимниот полошки зограф.
Ако драматизмот во средновековното ѕидно сликарство го среќаваме за првпат во Нерези (црква Св. Пантелејмон), тоа продолжило и во 14 век. Тој е најизразито содржан и во фрескоживописот на Полошкиот манастир Св. Георги. Насликани се повеќе драматични сцени и композиции кои доминираат во наодот на црквата. Тие почнуваат со композицијата „Тајна вечера“, преку „Молитва на Маслинова Гора“, „Христос пред Кајафа и Пилат“, до неговото распетие. Како што се редат сцените, зографот се повеќе и повеќе внесувал драматизам за да стигне до најдраматичната композиција Распетие Христово. Во оваа композиција зофрафот внесол нови моменти, не само што се врзани со драмата, туку се дадени извесни поединости кои композицијата ја одделуваат од познатите истоимени претстави вовизантиската уметност, со што ја прават единствена и осамена.Но се ова е земено од песните во кои се вели дека Христос со својата смрт ја победил смртта и дарувал вечер живот.
Фрескоживописот на припратата (1609) е карактеристичен за овој период, но има и свои иконографски занимливости. Доминантно место заземаат композициите од втората и третата зона на јужниот, северниот и западниот ѕид Богородичниот акатист со опширните текстови за секоја сцена. Во горните зони и на сводот се насликани Псалмите Давидови (стиховите 148, 149 и 150) како реткост во нашите цркви и манастири. Од не помала реткост е насликаниот Зодијак со претстава на хороскопот на 12-те месеци со своите симболи, претставени на небесниот свод.
Малата манастирска црква Св. Георги поседува и мноштво икони и други црковни предмети и книги, но до денешни дни сочувани се остатоци од иконостасот од 17 век – престолните икони на Исус Христос од 16 век и Богородица со Христос, дејсизната композиција, иконата на Св. Георги со житието од 1630 година, Големиот крст во резба од 1584 година, полилеј во резба од 16 век како и три двокрилни врати изведени во плитка резба кои му припаѓаат на крајот од 16 и почетокот на 17 век (едната е на влезот од црквата а другите две на северниот и западниот влез од припратата). Сочувани се и икони од 19 век и дејсизна плоча со апостолите.