sveti nikole

Св. Николе

Свети Николе, како централно место на поголемиот дел од Овче Поле, како населба датира уште од античкиот период. Првобитно наслебата била лоцирана североисточно од денешната црква “Свети Стефан”. Поради мочурливото земјиште и нездравите услови за живот во крајот на III век пр.н.е. населбата била дисклоцирана на десната страна на Светиниколска река, во месностите: Рудина, Свети Спас и денешно Рецко маало во градот. Најверојатно античкото име на населбата било Пробатон. Во VII век таа го променила името во Овче Поле.
Во средновековните пишани извори прв пат Овче Поле како наслеба (тврдина) и пошироко Овчеполието како област се споменува во XIII век. Во 1246 година Никејската војска, покрај другите места во Македонија го зазела и Овче Поле. Неколку години подоцна 1255 Никејскиот владател Теодор Ласкарис, откако му се предал гарнизонот во Велес, се упатил со војска кон Струмица преку Овче Поле. В.Мошин меѓу освоените тврдини од царот Теодор Ласкарис ја набројува и тврдината Овче Поле.
Во 1282 година српскиот крал Милутин (1282 до 1321) покрај Полозите, Скопје, Злетово и Пијанец го зазел и Овче Поле.
Во 1292 година во населбата која се уште го носи името Овче Поле била изградена црквата посветена на чудотворецот Свети Николај. За црквата е поврзана легендата за чудотворното излекување на Стефан Дечански. Во црквата до втората светска војна се чуваше една икона на која е претставен свети Никола како со рака му дава очи на Стефан Дечански.
Свети Николе се споменува и во даровницата на браќата Дејановци од 1378 година, со која се потврдуваат даровите на манастирот “Свети Пантелејмон” во Света Гора. Покрај останатите места, во даровницата се спомнува и Свети Николе со местото Јужиново ( Југово ).
Во пописниот тапу дефтери на Ќустендилскиот санџак од 1570 година Свети Николе е именувано со И-с-в-и Н-и-к-о-л-а. Во пописниот лист регистрирани се две маала: Големо маало и Мало маало и посебно село Свети Николе. Според пописот Свети Николе (сите три населби) броело 317 семејства со околу 1600 жители.
Во шеесетите години на XVII век турскиот патеписец Евлија Челеби на два пати престојувал во Свети Николе. Во својот патепис Челеби пишува:
Овче Поле се наоѓа во едно плодно поле, а се состои од 70 куќи. Има џамија и амам и многу напредно село е… Потоа го поминавме селото Килисали и Беширли и заноќивме во селото Кара Османли.
И.Челеби зборува за две населби во денешното Свети Николе Овче Поле и Килисали (населба покрај црква или црквино).
Топонимот Свети Николе се развивал низ вековите. Прво населбата била позната со името Пробатон од VII век Овче Поле, со изградбата на црквата Свети Никола, почнала да се одомакинува името Свети Николе по црквата. За време на турското владеење наслебата била со две имиња, Свети Николе за христијанското (Македонско население) и Килисали за турците.
Дури во првата половина на XIX век поточно во 1845 година Свети Николе се здобило со пазарен ден и прераснало во гратче. Во него тогаш се одвивала жива трговија за откупување на ситен добиток, па затоа почнала популациски да расте и веќе 1900 година броело околу 2.500 жители.
Помеѓу двете светски војни Свети Николе имало аграрно-занаетчиска функција, која денес е изменета со развитокот на некои терцијални дејности.

превземено од http://www.svetinikole.gov.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=8&Itemid=3&lang=mk