D69DD3625A1BC042AAE976DC4200E73B

с. Бегниште, Кавадарци

с. Бегниште, Кавадарци

Бегниште е на дваесетина километри од Кавадарци – пред влезот во градот, а по комбинатот “Фени#, скршнете десно. Патот е асфалтиран, но зиме понесете зимска опрема за автомобилот. Можете и со автобус или минибус до Кавадарци, а оттаму со такси до Бегниште, а уште поголема авантура е со воз до Неготино, а натаму со такси.

Бегниште е село во Тиквешијата, лозарски крај. Домашно вино и ракија има во сите куќи, ама затоа мештаните во кафеана пијат – пиво! Наесен е гроздоберот, на кој не сме биле, но затоа според питомоста и шеговитоста на луѓето од овој крај можеме да замислиме колку е весел. Но има еден ден (односно ноќ) во годината кога во Бегниште ќе го доживеете единствениот ритуал на Џоломарите на Василица. Тогаш мажите се маскираат како џоломари и низ селските улици го изведуваат целоноќниот древен ритуал, од паганските времиња, а тука е зачуван во својата исконска форма. Џоломарите ставаат бели, долги волнени бради, ги гарават лицата, облекуваат темни качулки од грубо сукно и се опашуваат со ремени на кои висат по 10 – 15 клопотарци. Вревата што ја креваат со нив цела ноќ, бркајќи ги лошите духови, ќе ви одѕвонува во ушите со денови. Подгответе се за бессона зимска ноќ во која ќе ве греат василичарските огнови, домашното вино и ракија и големото срце на овие гостопримливи луѓе.
На неколку километри од Бегниште е Тиквешкото Езеро, богато со риба, крапови, сомови, црвеноперки, па можете да си организирате и таков викенд, во некое друго време во годината. Ова не е туристички регион, но куќите на овие добродушни луѓе се отворени за гости. Рамка: Тиквешко Езеро – пештерни цркви.
Низ историјата на Тиквешијата се забележува континуитет во кој посебно место заземаат црквите и манастирите од извонредно значење, меѓу кои особено пештерните цркви Св. Никола и Св. Лазар покрај Тиквешкото Езеро. Пештерната црква Св. Никола, позната и како Маркова пештерна црква, е југозападно од селото Драдња, високо во карпите, во природна пештера со длабочина од 15 метри. Таа е мала еднокорабна градба, подигната од кршен камен и делкан бигор, а покриена со полукружен свод од бигорни камења. Во црквата е пронајден натпис што тешко се чита, а во него се спомнуваат игумен, архијереј и војвода. Живописот е од 14 век. Се забележуваат остатоци од насликани композиции, ликови на светители, меѓу кои и св. Никола, над влезот на западната фасада. Јужно од Бегниште, над кањонот на реката Каменица се наоѓа пештерната црква Св. Лазар. Црквата е изградена и живописана во 14 век. Од фрескописот делумно е сочуван оној во олтарната апсида каде што се препознава претставата на света Богородица и ликови на светци насликани во медалјони.

Извор www.utrinski.mk