English
91_big

Ѓаволскиот ѕид – Свети Николе

Ѓаволскиот ѕид на Свети Николе станува туристичка атракција

Ѕидот е на планината Богословец, долг е 500 метри, висок 12 и широк два метра
Ѓаволот се обложил со господ дека кај месноста Богословец во атарот на општина Свети Николе само за една ноќ ќе изгради ѕид со кој ќе ја пренасочи реката Брегалница од нејзиното природно корито, нејзините води ќе ги упати кон Овчеполието и целосно ќе го поплави. Господ го прифатил облогот, а ѓаволот се обврзал да го изгради ѕидот додека не закукуригаат првите петли. Истата ноќ ѓаволот започнал да го гради ѕидот и тоа го правел толку брзо и вешто што не оставал место за сомневање дека работата ќе ја заврши навреме. Тогаш господ се послужил со итроштина – пред зори клоцнал еден заспан петел кој закукуригал и така порано го најавил доаѓањето на денот. Ѓаволот не успеал во својата намера, Овчеполието било спасено од потоп, ѕидот го добил името Ѓаволски, а огромните камења останале до ден-денешен да сведочат за легендата за која не се знае кога настанала.
На оваа приказна за Ѓаволскиот ѕид, на која се надоврзуваат и други легенди и можности, Свети Николе ја гради новата стратегија за овој простор да стане светска туристичка атракција. Првиот чекор беше направен ланската есен кога на саемот на неподвижен имот и промоција на инвестиции „Експо реал 2007” во Минхен, Германија, светиниколци го претставија овој проект. Утре во хотелот „Александар палас“, атракцијата Ѓаволски ѕид и специфичностите на локалитетот Богословец ќе бидат презентирани пред нашите иселеници, а настанот е во организација на Агенцијата за иселеништво.
Ѕидот се наоѓа на јужната страна од ниската планина Богословец, има должина од 500 метри, висината достига до 12 метри, а е широк два метра. Од Свети Николе е оддалечен 14 километри, а од клучката на магистралата Скопје – Штип само седум. Околу три километри се непреодни за обични возила, а до ѕидот може да се стигне пеш или со џип. „Откако во Минхен ја презентиравме приказната за ѕидот, странски туристи започнаа да го посетуваат овој локалитет. Влезени сме во кандидатура за проект вреден 350.000 евра за заштита на ѕидот со средства од КАРДС-програмата во рамките на проектот за прекугранична соработка. Но, градиме стратегија со која од целото ова подрачје сакаме да создадеме туристички локалитет од светски формат“, вели градоначалникот Слободан Даневски.
Легендата говори дека токму на овој простор се криело големото богатство од освојувачките походи на Александар Македонски, а овој мит бил предизвик за многу трагачи по закопано богатство да си ја пробаат среќата. Даневски вели дека има и друга легенда, според која киселата вода што истекува и денес од изворите кои се во непосредна близина на Ѓаволскиот ѕид била лековита, а и тоа богатство општината го става во проектот со кој се предвидува месноста Богословец, која е во централното подрачје на Македонија, од каде што се простира поглед и на реката Брегалница и на овчеполската рамнина, да стане светска туристичка атракција.